Зошто Барди веќе не ги изведува слободните удари на Леванте?

Леванте се наоѓа во сериозна криза, во последните седум кола тимот на Енис Барди има само еден триумф, а се поголем е и притисокот врз тренерот Пако Лопез, кому му се заканува отказ доколку во најскоро време не најде излез од „слободниот пад“ што придонесе овој тим да се најде на 15. место на табелата.

Енис Барди повторно е во фокусот на вниманието, откако навивачите побараа тој да ја преземе одговорноста при изведувањето на слободните удари, улога што му беше одземена од страна на соиграчите. Лопез остава самите фудбалери да се договорат кој ќе ги изведе слободните удари, а слабата форма на Барди, кој последниот погодок го постигна на 6 октомври придонесе тој веќе да ја нема улогата на прв шутер од вакви ситуации.

Впрочем, на последниот натпревар со Вилјареал тимот на Леванте имаше два слободни удари од идеална ситуација за Македонецот. Првиот непрецизно го изведе Кампања, а при вториот домашните навивачи почнаа да го извикуваат името на Барди. Сепак, тренерот остана нем, а топката ја зеде Рочина и шутираше директно во живиот ѕид.

„Време е тренерот да преземе контрола и да нареди дека Барди треба да шутира. Останатите играчи имаат изведено шест слободни удари без гол. Барди има еден гол од 16 удари сезонава, но лани покажа дека е способен да постигнува голови во серија и затоа треба да му се врати улогата на прв шутер од ваквите ситуации“ – бараат навивачите на Леванте.

Одлуката на крајот сепак ќе ја донесе тренерот, но факт е дека Барди треба да биде повторно „избор број еден“, во ситуација кога оние кои добија шанса на последните натпревари ниту еднаш посериозно не се заканија кон противничкиот гол.

Се вчитува...