Прием во општина Кисела Вода за златната медалистка од Светскиот куп во џиу-џицу (ФОТО)

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски во просториите на општината оствари средба со Катерина Ацевска, победничка на Светскиот куп во џиу џица и со нејзиниот тренер Александар Ацевски.

На Светскиот куп одржан во Букурешт, Романија македонската репрезентација во џиу-џицу, претставувана од Катерина Ацевска од Кисела Вода, во категорија жени У16, +63кг освои златен медал. Ацевска златото го освои со победа над натпреварувачката на Грција со голема резултатска разлика од 16-5.

„Во нејзината категорија Катерина Ацевска златото го освои во јака конкуренција од натпреварувачки, три од Грција, две од Русија, и по една од Украина и Романија. Со четири убедливи победи дојдовме до овој голем успех. Украина ја победивме со резултат 11-4, а Русија со 20-14 и на финалниот натпревар со резултат 16-5 ја победивме Грција. Сакам да нагласам дека Русија и Грција се на врвот во Светското џиу-џицу. Покрај ова, на купот трето место освоивме со Нина Ташкова од Штип, а во конкуренција од 15 борци петто место освои нашиот натпреварувач Зоран Колевски од Скопје. На Светскиот куп 1330 борци од 28 држави се бореа на 7 борилишта“ – изјави селекторот Александар Ацевски.

Катерина Ацевска досега има освоено многу златни медали на домашни и меѓународни турнири. Таа активно тренира во клубот за џиу – џицу ,,Дан – Кју”, во фискултурната сала на ,,ООУ “Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода.

На приемот на победничката и селекторот присуствуваа претседателот на Советот на Општина Кисела Вода , Дарио Шимиќ и Зоран Ацевски, член на Советот на Општината.

Се вчитува...