Вардар денеска го пречекува Кил (17.30 часот) во обид да стигне до четвртата победа во низа и да остане единствен тим со максимален ефект во својата група во Лигата на шампионите. Предизвикот воопшто не е мал, ривалот веќе еднаш рутински ги совлада „црвено-црните“ во полуфиналето од Суперглоуб пред помалку од два месеци. Сепак, кога Вардар ја има публиката зад себе приказната е сосема поинаква, па затоа и македонскиот првак со право влегува со оптимизам во денешниот меч.
„Ако не се правиме фраери сега, по две титули европски првак во последните три сезони, тогаш кога би го правеле тоа“ – истакна Тимур Дибиров на прес-конференцијата во пресрет на овој натпревар.
И навистина, Вардар со овие успеси си обезбеди не само место во историјата, туку и вечен респект од ривалите. Па германските „зебри“ добро знаат дека мечот во Скопје ќе биде многу поразличен од оној во Саудиска Арабија.
„Очекувам во Скопје да се игра многу побрзо отколку во Дамам, а тоа дефинитивно повеќе би ни одговарало на нас отколку на противникот. Дуелот со Кил е многу важен, на еден начин можеби е и меч на сезоната за нас бидејќи е многу сериозен испит. Го играме првиот тежок меч на домашен терен, Кил е голем клуб, тим што игра одличен ракомет. Сепак, кога Вардар игра во Скопје, пред своите верни навивачи, тогаш е јасно дека со таа поддршка е многу полесно да се стигне до добар резултат“ – изјави Писонеро.
Вардар моментно е лидер со максимални шест бода, додека Кил е второпласиран со еден бод помалку од „црвено-црните“. Во останатите средби од оваа група ќе се сретнат Кјелце – Монпелје, Брест Мешков – Мотор и Веспрем – Порто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

