Германија со 200 милиони евра ги помага ракометот, кошарката и одбојката

Екипните спортови во Германија со исклучок на фудбалската Бундес-лига ќе добијат помош од 200 милиони евра од државата. Бундестагот донесе одлука со која преку „Teamsport Deutchland“ ќе биде дистрибуирана помош за ракометот, кошарката, одбојката, хокејот како и за женскиот фудбал. Помош за да ги надминат проблемите и сериозната финансиска криза предизвикана од прекинот на сезоната поради пандемијата на коронавирусот ќе добијат и фудбалските третолигаши. Двете најсилни фудбалски конкуренции не се дел од овој пакет со оглед дека ги комплетираа сезоните и имаа можност да се спасат од најсилниот удар за разлика од другите спортови кои мораа да ги прекинат првенствата уште во март.

„Многу сме среќни што федералната влада овозможи помош за професионалниот спорт преку овој вреден финансиски пакет. Му благодариме и на Бундестагот и на сите министри кои беа вклучени како и на сите други институции кои помогнаа во носењето на оваа одлука со која се докажува дека спортот е важна алка во нашето општество“ – велат од ракометната федерација на Германија.

Барањето за помош одеше преку Германскиот олимписки комитет кој како кровна институција за спортот инсистираше на државна помош за професионалниот спорт за тој да ја преживее кризата. Проценките на Олимпискиот комитет објавени на крајот на мај беа дека на спортот во Германија му е неопходна една милијарда евра за да преживее.

 

Се вчитува...