Денвер ќе се соочи со Лос Анџелес Клиперс во полуфиналето на Западната конференција откако серијата со Јута од првото коло на плеј-офот ја доби со 4-3 по драматичната седма пресметка во која славеше со 80-78. Никола Јокиќ го постигна победничкиот кош за Денвер, а потоа во мешаницата во последните моменти од средбата Јута преку Мајкл Конли не успеа да погоди тројка. Јокиќ постигна вкупно 30 поени, а имаше и 14 скока.
Со тоа Денвер на најдраматичен начин ја доби серијата која имаше крајно неизвесен тек, а во која Јута имаше предност и од 3-1 во триумфи. Денвер е еден од ретките клубови во НБА историјата кој успеал да надомести негатива од 3-1 во победи во разигрувањето. Претходно само на 11 тима им успеал ваквиот подвиг.
Бостон има големи 2-0 против актуелниот шампион, Торонто. „Селтикс“ го добија и вториот натпревар од полуфиналето на Источната конференција и две победи ги делат од пласман во конференциското финале. Во натпреварот број два од серијата, Бостон славеше со 102-99 најмногу благодарение на Маркус Смарт кој на почетокот од последната четвртина погоди пет тројки по ред и го предводеше тимот до пресврт и на Џејсон Тејтум кој постигна 34 поени. Третиот натпревар е закажан за по два дена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

