Комесарот на НБА лигата Адам Силвер вели дека новата сезона сигурно нема да почне пред јануари 2021 година. Тој вели дека голема е шансата новата сезона да почне со ограничен број на публика, но се зависи од бројот на заразени од коронавирусот. Постои опција и новата сезона да почне во „балон“, нешто за што и самиот кажува дека не верувал дека ќе биде добар избор, но со финишот на оваа самиот се демантирал.
„Прво реков дека најрано може да почнеме на Божиќ. Но, поверојатно е тоа да биде јануари. Се надевам дека нема да се вратиме во затворено опкружување, но тоа е нешто на што треба и понатаму да размислуваме. Пред Орландо искрено бев скептик, но тоа се покажа како одлична одлука. Мислам дека со спроведување на протоколи можеме да ги вратиме навивачите во салите. Тоа е наша цел, но се зависи од дополнителни елементи. Брзите тестови може да бидат клучни“, изјави Силвер.
Најдолгата сезона во историјата е на самиот крај, а „балонот“ во Орландо се покажа како полн погодок. Веќе почна и финалната серија во која ЛА Лејкерс поведоа со 1-0 против Мајами Хит.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА