Данците еуфорични: По се што ни се случи во овие десет дена – заслуживме осминафинале

Данска испиша историја на европските шампионати откако стана прва селекција што изборила пласман во нокаут-фазата откако претрпела порази на првите два натпревари. Данците одиграа фантастично на последниот дуел со Русија, триумфирајќи со 4-1 и искачувајќи се на второто место во групата, со што за ривал во следната фаза го добија Велс (меч што ќе се игра в сабота).

Сосема очекувано, триумфот и големиот успех по мечот беа посветени на Кристијан Ериксен, кој во својот се опоравува од срцевиот удар што го преживеа за време на мечот со Финска.

„По сето она што ни се случи во овие десет дена, заслуживме да играме осминафинале. Секако, ќе беше поубаво ако Ериксен беше крај нас на теренот, но најважно од се е што тој се чувствува добро и што најлошото помина“, изјави капитенот Симон Кјаер, еден од најзаслужните што беше избегната трагедија на оној прв дуел со Финска.

Селекторот Каспеј Хјулман не ја криеше гордоста од фантастичното издание на својата селекција.

„Го заслуживме овој пласман, игравме навистина добар фудбал. Првиот меч не се брои, шокот беше преголем… но Данска ја покажа својата големина кога беше најтешко“, прокоментира кормиларот на данскиот национален тим.

Се вчитува...