Вардар во второто коло го претрпе и вториот пораз во СЕХА-лигата откако „црвено-црните“ загубија од Нексе со 28-25. Избраниците на Давид Дејвис немаа сили да ја повторат играта од големиот триумф над Монпелје во ЛШ, губеа повеќе од 50 минути и на крајот не успеаја да се изборат за целосен пресврт.
Вардар имаше водства од 0-1 и 1-2 преку полските репрезентативци Валчак и Чувара, но составот на Нексе потоа ја презеде контролата над резултатот. Хрватскиот вицепрвак најпрвин поведе со 6-3, продолжувајќи со фуриозна игра во нападот за најубедливи 10-4. Дејвис се реши за промена на голот, давајќи му шанса на Гогов на местото на Томовски, кој имаше само две интервенции при 12 примени погодоци. Вардар конечно се разбуди пред крајот на полувремето, намалувајќи ја негативата на 15-12, по трите гола во серија што ги постигна Моралес.
Нексе ја контролираше играта во првите десетина минути од второто полувреме, одржувајќи ја предноста меѓу три и четири гола. „Црвено-црните“ успеаја да се вратат, намалија на 20-19, потоа и на 21-20, за со голот на Моралес да дојдат на „минус еден“ и на три минути до крајот (25-24). Сите шанси за камбек исчезнаа по двата брзи гола на Нексе, со кои хрватскиот состав стави печат на победата, на крајот изразена со конечни 28-25.
Куни Моралес постигна седум погодоци, Оливие Нијокас реализираше четири гола, додека Мартин Томовски го заврши натпреварот со осум интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА