Лекција од младите „пелистерци“ за Охрид

Еурофарм Пелистер 2 стигна до нова победа во плејофот откако вечерва на домашен терен го совлада тимот на Охрид со 26-22. Тренерот Јовиќ за овој меч не можеше да смета на репрезентативците Цветан Кузманоски и на Павле Атанасијевиќ, но и без овие двајца важни играчи успеа да стигне до цел плен.

Битолчани доминираа од самиот почеток на средбата, наметнувајќи темпо што гостите не можеа да го следат. По раното водство од 4-2 на Еурофарм 2, охриѓани само за момент намалија на 5-5, по што следеа три гола во низа на домашните ракометари. Предноста продолжи да се зголемува, „пелистерци“ имаа и пет гола позитива (12-7), а на одмор заминаа со „плус четири“ (13-9). Сите шанси за камбек исчезнаа на почетокот од второто полувреме, во кое избраниците на Јовиќ повторно имаа целосна контрола над играта и резултатот. Најубедливото водство на домашниот тим изнесуваше седум гола разлика (24-17), за Охрид до крајот да успее само да го ублажи поразот до конечните 26-22.

Емилијан Ѓорговски со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, по четири постигнаа Петар Атанасијевиќ, Димитриоски и Петровиќ, додека први стрелци на Охрид беа Шилегов и Кривокапиќ со по четири погодоци.

Се вчитува...