Ракометарите на Еурофарм Пелистер славеа на гостувањето во Кавадарци кај Тиквеш со 26-32 во натпревар од 6. коло од плеј-офот во македонската Суперлига. Домаќините му пружија на големиот фаворит голем отпор нешто повеќе од 40 минути, а на полувреме заминаа и со позитива од еден гол 16-15.
Во вториот дел како одминуваше времето се повеќе до израз дојде разликата во квалитет меѓу двата тима. Некаде на стартот на последната третина гостите успеаја да го скршат отпорот на кавадарчани успевајќи за првпат да стигнат до водство 18-19. Откако го зедоа водството заиграа уште подобро и на крајот стигнаа до сигурна победа од 26-32.
Јосип Божиќ-Павлетиќ со 13 гола беше убедливо најдобриот поединец во таборот на победникот, додека кај поразените Стефан Трпчевски заврши со шест погодоци.
Битолчани во недела на 1. мај ги очекува натпреварот на сезоната каде на домашен терен во арената „Боро Чурлевски“ како дел од ракометното македонско „Ел-класико“ ќе го пречекаат вечниот ривал Вардар. На овој меч на Еурофарм Пелистер ќе му биде доволен и бод за да стигне до титулата во домашниот шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА