Во насока на вистинско заокружување на играчкиот кадар за следната сезона, екипата на Тинекс Пролет ги продолжи договорите со двајца клучни свои играчи од изминатава сезона, Ласко Андоновски и Мартин Димов.
Искусниот 30-годишен Ласко Андоновски кој игра на централната бековска позиција ја продолжува соработката со Тинекс Пролет останувајќи верен на клубот и по цели десет години соработка откако првпат со нашиот клуб потпиша во 2012 година.
„Чест ми е и задоволство што и после десет години соработка ќе продолжам да го носам дресот на Тинекс Пролет, клубот во кој ги доживеав најубавите моменти од мојата кариера. Очекувам навистина успешна следна сезона согласно и амбициите, името и реномето на овој клуб кои ги ужива во македонскиот ракомет“ – истакна Андоновски по потпишувањето на новиот договор со клубот.
Десното крило, 24-годишниот Мартин Димов, пак, зад себе остави квалитетна сезона по која сега следи продолжување на договорот за уште две години.
Искусниот голман Јане Цветковски реши да ја заврши кариерата. Тинекс Пролет му благодари за придонесот во настапите за нашиот клуб и посакувајќи му многу среќа во идната кариера.
Тинекс Пролет досега потпиша договор и со репрезентативецот Томи Јагуриновски, а во наредниот период ќе бидат објавени и новите засилувања на нашиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА