Супер-драма во баражот: Скопје останува во ракометната елита

Скопје и во следната сезона ќе биде дел од ракометната елита во македонскиот шампионат откако во бараж-дуелот преполн со возбудувања оваа екипа успеа да слави над Аеродром, дури по подобро изведување на пеналите.

Мечот беше суперинтересен, Скопје делуваше сигурно на патот до победата откако на почетокот од второто полувреме поведе со шест гола предност (9-15, 10-16), но аеродромци не се предадоа, одиграа максимално ангажирано и успеаја да се вратат во мечот. Иван Митревски постигна два гола во завршните две минути и се избори за пенал-рулет, во кој среќата им беше понаклонета на избраниците на Будимир.

Аеродром има за што да жали, бидејќи во шестата серија имаше пенал за победа и влез во Супер-лигата, но Николовски наместо во мрежата ја погоди главата на противничкиот голман, за што доби и црвен картон. Казната стигна во последната серија во која Скопје реализираше, Аеродром повторно промаши, за огромна радост на екипата што како последна го заврши плејаут натпреварувањето (Металург поради згаснувањето автоматски испадна од елитното друштво).

 

Се вчитува...