Најдобриот македонски ракометар во историјата Кирил Лазаров објави крај на својата богата кариера. Неговото име ќе остане запишано како најголем во историјата на македонскиот ракомет, но и како рекордер во ракометна Европа со достигнувања што останатите уште долго ќе се мачат да ги остварат.
Тој денеска организираше прес-конференција во Нант каде се прости со навивачите на овој тим.
„Ќе останам уште во ракометот, ако Ви треба џокер за некои пет до десет минути, тука сум. Се шегувам, останувам селектор, во иднина можеби ќе работам и во клуб и понатаму ќе останам дел од овој спорт. Нант е моја одлична одлука. Претходно играв во големи клубови, но се одлучив на Нант и не погрешив. Играв двапати на Ф4 и Европа го запозна клубот. Француската лига е најтешка и има најголема конкуренција. Се навикнав на клубот и на француската култура. Мојата приказна дојде на крајот. Ова беше тешка, но очекувана одлука. Благодарност до претседателот, играчите, капитените, навивачите. Нант има најдобра публика во Европа. Овој клуб го извлече најдоброто од мене. Клубот и градот ќе ми фалат, ама најмногу навивачите“, изјави Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

