Се е подготвено за почетокот на ракометниот мундијал што за дваесетина дена ќе стартува во Полска и во Шведска, од кој дел ќе биде и македонската репрезентација. Како што се ближи стартот на шампионатот, така стануваат се поголеми проблемите на селекторите, кои од ден на ден губат по некој важен ракометар во своите редови.
Најголеми главоболки има францускиот селектор Жил, кој нема да може да смета на стартното лево крило Уго Деска, потоа на левиот бек Нгесан, искусниот голман Пардине, специјалистот за одбрана, Карл Конан, како и на средниот бек на Нант, Ајмерик Мин. Французите сепак имаат моќна репрезентација предводена од Мем, Ричардсон, Фабрегас, Ремили, Наи… што ги прави „триколорите“ сериозни кандидати за медал.
Шпанија ќе мора да се снаоѓа без помошта на брзоногото крило на Барселона, Алеиш Гомез, додека кај Полска ќе недостига пивотот Шипжак, кој игра извонредно во дресот на ПСЖ сезонава и е најдобар стрелец во Лигата на Шампионите.
Бразил ќе биде без главниот бомбардер Лангаро, кој се повреди на еден од последните натпревари во дресот на Барселона, додека во таборот на Египет ќе недостига десниот бек Омар Јахија, асот на Веспрем за кого оваа сезона веќе е завршена.
Словенија за овој мундијал нема да може да смета на Маргус од Веспрем и на Зарабец од Кил, додека сериозен проблем за Исланд е неиграњето на суперталентираниот Хаукар Тратарсон. Во таборот на Србија ќе ги нема Ѓукиќ и Зеленовиќ, додека голманот Милосављев е во трка со времето да се рехабилитира за да може да настапи на овој мундијал.
Отсуствата на овој шампионат нема да се должат само на повреди, па така кај дел од селекциите, меѓу нив и Македонија доаѓа до неизбежната смена на генерации.
Тоа е случај во Германија, откако од националниот тим се простија Генсхајмер, Вајнхолд, Винчек и Пекелер. За подмладувањ се реши и данскиот селектор Јакобсен, кој на својот состав не ги вклучи Јакоб Ласен, Киркелеке и Хенрик Тофт Хансен. Интересно, Јакобсен сепак се реши да го повика 41-годишниот ветеран Ханс Линдберг, но затоа во дресот на Данска нема да го гледаме одличниот голман Емил Нилсен, кој брани во добра форма за Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

