Мукаетов за ракометниот спектакл: Овие горди Македонци заслужуваат уште повеќе, секогаш даваа се од себе

Се е подготвено за хуманитарниот ракометен натпревар закажан на 3 ноември, во кој силите ќе ги одмерат актуелната ракометна репрезентација на Македонија и селекцијата на ракометни ветерани, за која учеството го потврдија веќе 20 играчи кои се имаат збогувано со активното играње или се ближат до ракометна пенција.

Ракометно музичкиот настан под насловот „Сите ѕвезди“ ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“, ќе има и музички точки за забавниот дел од евентот (Некст Тајм, Меморија, Кики, Александар и Дац), а приходите ќе бидат наменети хуманитарно за СОС Детското Село.

„Јас еве веќе влегувам во десеттата година од мојот мандат, кога почнував голем дел од овие играчи беа во зенитот на своите кариери. Денеска веќе не се активни, но овие генерации кои сега доаѓаат учеа од нив, а за мене како претседател на РФМ претставува голема чест да се биде дел од овој настан, во чест на овие 20 горди Македонци кои секогаш даваа се од себе бранејќи ги боите на државата. Тие заслужуваат уште повеќе, најразлични ситуации и ковид-пандемијата спречија и порано да има ваков собир, целосно сме насочени за што подобро издание. Благодарност до спонзорите кои ќе дадат дополнителни средства за СОС Детското Село, се надевам дека ќе стигнеме до сума од околу еден милион евра која ќе биде донирана онаму кад што е најпотребна“, изјави Живко Мукаетов, прв човек на Ракометната Федерација на Македонија.

Се вчитува...