Се е подготвено за ракометното шоу што ќе стартува денеска во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“, кога во хуманитарен меч силите ќе ги одмерат актуелната репрезентација на Македонија, против селекцијата на ракометни ветерани кои оставија силен белег врз овој спорт во нашата држава во последните петнаесетина години.
Она што е интересно, Кире Лазаров ќе биде селектор на репрезентацијата, но на овој меч ќе настапи и како играч за ветераните, заедно со своите соработници од стручниот штаб, Ацо Јоноски и Бранче Ангеловски. Покрај нив, во составот на ветераните навивачите ќе можат да ги видат на дело и Стоилов, Димовски, Раде Стојановиќ, Александар Јовиќ, Владо Недановски, Миркуловски, Борко Ристовски, Петар Ангелов…
„Јас еве веќе влегувам во десеттата година од мојот мандат, кога почнував голем дел од овие играчи беа во зенитот на своите кариери. Денеска веќе не се активни, но овие генерации кои сега доаѓаат учеа од нив, а за мене како претседател на РФМ претставува голема чест да се биде дел од овој настан, во чест на овие 20 горди Македонци кои секогаш даваа се од себе бранејќи ги боите на државата. Тие заслужуваат уште повеќе, најразлични ситуации и ковид-пандемијата спречија и порано да има ваков собир, целосно сме насочени за што подобро издание. Благодарност до спонзорите кои ќе дадат дополнителни средства за СОС Детското Село, се надевам дека ќе стигнеме до сума од околу еден милион која ќе биде донирана онаму каде што е најпотребна“, изјави Живко Мукаетов, прв човек на Ракометната Федерација на Македонија.
Целта на овој натпревар е оддавање на почит кон сите оние кои дале значителен придонес за македонскиот ракомет во своите кариери. Воедно, целиот настан има и хуманитарен карактер ако се знае дека сите приходи ќе бидат наменети за помош на СОС Детското Село.
Како дел од целокупното шоу во „Борис Трајковски“ предвидена е и музичка програма, па фановите во салата која е распродадена до последно место ќе можат да уживаат во изведбите на Некст Тајм, Меморија, Кики Мукаетова, Александар и Дац…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА