Спектакл за мерак: Вечерва победи ракометот, вечерва победи Македонија!

Ракометот уште еднаш покажа дека е спорт број еден во Македонија, откако на ревијален хуманитарен натпревар до последно место беше исполнета салата „Борис Трајковски“, во дуелот на најдобрата репрезентација и селекцијата на ветерани кој понуди бројни моменти за уживање. Резултатот воопшто не беше во преден план, бидејќи победи спортот и цела Македонија,поради сплотеноста што ј покажаа сегашната со оние претходни генерации македонски ракометари, во меч што долго ќе се памети по позитивната енергија на теренот и на трибините на скопската арена.

Стојанче Стоилов го постигна првиот гол за водство на ветераните на овој ракометен спектакл, а на 1-1 на спротивната страна израмни Иван Џонов. Прецизни беа и Алушовски, а потоа и Филип Кузмановски, кој извонредно круниса еден двоен цепелин на асистенција на Гоце Георгиевски. Навивачите уживаа во атрактивни погодоци, а најголеми овации во првото полувреме доби Ванчо Димовски, откако мајсторски постигна три гола, меѓу нив и оној најатрактивниот, за водство на ветераните од 9-10. На крајот првото полувреме заврши без победник, 12-12, по неуспешниот обид за цепелин на ветераните.

Второто полувреме почна со атракција на ветераните, цепелин што го реализираше Филип Лазаров на асистенција на Златко Мојсоски, а две минути подоцна Мојсоски погоди цепелин на асистенција на Филип Лазаров, за предност на ветераните од 12-14. Поискусните имаа и три гола предност, стигнувајќи до 15-18. Оние повозрасните сепак загубија здив во завршницата, па младите направија пресврт и на крајот триумфираа со конечни 25-21, по серијата одбрани на Кизиќ на голот на А-тимот.

Сите приходи од овој хуманитарен натпревар ќе бидат донирани на СОС Детско Село, како хуманитарен аспект на овој спортски спектак.

Се вчитува...