Хуманитарниот меч на 3. јануари само ја потврди сплотеноста во македонските ракометни кругови. Уште еден доказ дека и ретките лични несогласувања секогаш биле оставани зад себе, бидејќи приоритет секогаш била и ќе биде репрезентацијата на Македонија.
Во тој правец, ЕКИПА непосредно пред почетокот на СП во Краков ќе има кратки разговори со дел од ветераните кои настапија на овој ракометен спектакл. Прашањата ќе бидат идентични за сите, а искусните ракометни асови ќе ги искажат своите прогнози за овој светски шампионат, настапот на Македонија на него и за нивните предвидувања за движењето на македонскиот репрезентативен ракомет во годините што следат…
„Министерот за одбрана“ Борко Ристовски беше дел од славните генерации кои остварија одлични резултати во Хрватска, Србија, како и на СП во Катар. Искусниот чувар на мрежата бранеше во топ-форма за Лемго во Бундес-лигата, се врати назад во Вардар, каде ќе биде значаен адут на „црвено-црните“ во борбата за нова титула.
1.Што ќе биде главниот квалитет, а кој би бил најголемиот недостаток, во играта на Македонија во Краков?
„Борбеноста ќе биде главен квалитет и очекувам да се држиме со сите ривали до самиот крај. Што се однесува, до недостаток, сметам дека неискуството веќе не може да биде изговор, со начинот на работа и условите што ги имаат добиено селекторот и целиот стручен штаб заслужуваме да имаме резултати барем на исто ниво што со условите. Се надевам дека ќе играат на начинот на кој ги познаваме ние и ќе ни донесат радост, зошто да не две победи“.
2. Кој млад македонски играч ќе блесне на ова СП?
„Јас очекувам тоа да биде Мартин Томовски, кој брани во извонредна форма на голот на Вардар и сега ќе блесне и на СП во Полска и во Шведска. Исто така, очекувам чекор напред да направи и Мартин Серафимов“.
3. Од кој пласман на Македонија би биле задоволни на престојното Светско првенство?
„Кажав и претходно, мислам дека Македонија има квалитет за добри резултати, зошто Холандија е квалитетна, но не е светска велесила… Аргентина е репрезентација која не би требало да биде посериозен проблем. Единствен фаворит во групата против нас е Норвешка, а потоа би вкрстиле со Србија и со Германија, ривали кои секако се квалитетни, но не се и непобедливи и може да играме со нив… Можеби сум преоптимистичен, но со оглед на условите што ги добива стручниот штаб за работа со националниот тим, целата јавност заслужува да види квалитетни изданија во Краков и потоа во наредната фаза“.
4. Кои се најголемите фаворити за титулата светски шампион?
„Секогаш се тука истите селекции на група на фаворити, Франција, Данска, Норвешка,Шведска…“
5. Има ли македонскиот репрезентативен ракомет сила во иднина да ги достигне и надмине резултатите на вашата генерација?
„На ова СП може да се достигнат резултатите на онаа нашата генерација. Македонскиот ракомет има квалитет, единствена дилема е како тој квалитет се распределува“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

