Тажен крај: Карабатиќ ќе мора во пензија, нема да му се исполни големата желба

Никола Карабатиќ неодамна потпиша нов договор со ПСЖ што му овозможуваше да продолжи да игра на највисоко ниво како увертира за идеален крај на кариерата – настап за Франција на ОИ во Париз. За жал, тоа најверојатно нема да се случи откако деталните прегледи врз големиот ракометен ас покажаа дека тој има сериозен здравствен проблем.

Од претходно беше најавено дека Карабатиќ предвреме ќе ја заврши сезоната бидејќи по најновата повреда ќе му претстои пауза од околу три месеци. За жал, новите прегледи покажаа далеку посериозен проблем – тој има сериозен проблем со вените. Дијагностицирана му е болеста флебитис, воспаление на површинските вени на нозете поради што е неопходно целосно мирување на неодредено време.

Исклучително ретки се случаите професионални спортисти да заболат од оваа болест, поради што и не постои точна прогноза околу тоа дали и кога Карабатиќ би можел повторно да заигра ракомет. Неколку француски медиуми тврдат дека шансите Никола Карабатиќ повторно да заигра ракомет се сведени на теорија, бидејќи речиси и да не постои доктор што би му дал зелено светло за повторно спортување со овој вид на болест.

Времето ќе покаже дали Карабатиќ ќе успее да се врати на терените, но доколку тоа не се случи, дефинитивно ќе биде тажен крај на кариерата на еден од најдобрите ракометари на сите времиња.

Се вчитува...