Кошаркарите на ТФТ вечерва во 21 часот во салата „Лазо Лечиќ“ во скопскиот градски пак ќе го пречекаат составот на Борац Чачак, во вториот меч од баражот за АБА-лигата. Првиот дуел заврши со убедлива победа на Борац од 97-61, па јасно е дека српскиот тим како фаворит влегува и во денешниот втор меч.
Сепак, ако ТФТ нешто покажа низ годините, тоа е дека тимот на Боро Смилковски никако во ниту еден момент не смее да се потцени. Иако преморени поради пеколниот ритам и со серија од четири порази во сите натпреварувања, „црно-белите“ од Тафталиџе ќе сторат се за да слават вечерва и да се изборат за мајсторка.
„Овие неколку дена ги минавме во физичка рекуперација и очекуваме дека ќе бидеме во можност енергетски да го дадеме својот максимум. Очекуваме реакција, верувам во подобро издание на денешниот меч што ќе го играме пред домашната публика. Пред нас се две важни средби, во АБА и во домашното првенство кои можат во целост да ја одредат нашата сезона, затоа со позитивен пристап треба да го дадеме максимумот за да дојдеме до позитивен резултат“, вели тренерот Смилковски.
Репрезентативецот Виктор Ташовски со голем респект гледа на противникот, но и верува на далеку подобро издание на ТФТ во однос на првиот натпревар.
„Играме против многу квалитетна екипа како Борац Чачак, тоа се виде на првиот меч. Ништо не може да го оспори нашиот досегашен успех, начинот на кој стигнавме до овде, но сега целта пред нас е влез во АБА1, мораме да се сетиме кои сме, како игравме до пред неколку средби, како стигнавме до овој бараж и повторно да се покажеме во вистинско светло“, порача Ташовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
