Ракометарите на Пролет денеска (18.30 часот, сала „Македонско Сонце“) ќе го играат првиот домашен натпревар во рамките од плејофот, против екипата на Тиквеш. Кавадарчани се добро познат ривал за Лембанов и неговите избраници, ако се знае дека Тинекс Пролет одигра две средби со Тиквеш во првиот дел од сезоната, ремизирајќи во Кавадарци пред да слави лесно и убедливо со 24-19.
Во меѓувреме, од Тинекс Пролет си заминаа неколку квалитетни ракометари, но тимот продолжува да работи напорно и да игра квалитетен ракомет, што беше докажано и на дуелот со шампионот Вардар на кој во долги периоди им парираше на „црвено-црните“. Тоа дава право за оптимизам дека со добро издание на денешниот дуел може да се стигне и до триумф над Тиквеш.
„Можеби многумина сметаа дека ќе дојде до голем пад кај Тинекс Пролет по сите оние заминувања. Сите знаат колку значеа Џонов, Аларов и Јагуриновски за нашата игра, но искрено многу ме радува што продолжуваме да играме добар ракомет и откако тие не се дел од нашиот тим. Го покажавме тоа на подготвителните натпревари, како и на последниот дуел со Вардар и сега сакаме таа серија на добри игри да ја продолжиме и против Тиквеш. Знаеме се што треба да се знае за противникот, му ги познаваме добрите и лошите страни, но најважно ќе биде ние да одиграме онака како што треба. Со вистински пристап и со квалитетен ракомет, можеме да стигнеме до првата побед во плејофот“,изјави капитенот Ласко Андоновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА