Додека Вардар се уште живее под позитивната енергија предизвикана од враќањето во Првата македонска фудбалска лига, онаму каде и што припаѓа најтрофејниот македонскиот фудбалски клуб, следната недела се очекува можеби клучниот момент за вистинската и правна деблокада на клубот која е од суштинско значење за реалното враќање на црвено-црните во елитата.
„Комитите“ последниве три месеци ја водеа и ја водат клучната улога во активното стабилизирање на Вардар (сега и како косопственици на клубот), па нивната борба сега треба да добие на тежина и интензитет со финалната борба за решавање на долговите кои го мачат клубот како би се добиле неопходните лиценци од ФФМ и од УЕФА за настап во прволигашкото друштво.
Во текот на следната недела се очекува официјален состанок на „Комитите“ со УЈП за репрограм и отпис на долгот од оваа институција, со што би следела и деблокадата на сметката на ФК Вардар. Кога веќе некои претходници, кои ја живее славата додека Вардар победуваше, редеа долгови, „Комитите“ се тие кои сега ќе мислат на бришење на истите.
„Нашиот предлог на состанокот пред УЈП ќе биде долгот кон УЈП да биде репрограмиран на 10 години, со што, секоја тековна година, клубот кон институцијата би исплаќал дел од целокупниот долг. Дополнително, заедно со одговорните лица да се најде решение со кое поранешните раководни лица на клубот ќе одговараат и ќе го сносат товарот за долгот настанат за време на нивното ,,управување”. Веруваме дека ова решение е најдобро, бидејќи долгот тлее веќе неколку години, директорот на клубот Слободан Крстевски, иако вети, не е во позиција да го исплати, и во моментов не постои ниту една засегната страна, спремна да го врати. На ваков начин, УЈП ќе си го наплати долгот, а на ФК Вардар со реализација на ваквото решение, ќе му биде одблокирана сметката, а со самото тоа можноста за финансиски прилив ќе биде многу поголема“ – порачаа претходно „Комитите“.
Навивачите на Вардар очекуваат помош од државата со тоа што ќе има признавање на придонесите од страна на државата за фудбалерите, најверојатно со законска интервенција, со што би се намалил долгот за околу 700.000 евра. Но, и бришење на каматите за долгот кон УЈП.
Следната недела ќе се разгледува и проблемот со долгот кон ПУИГ…
„ПУИГ е несомнено, нераскинлив историски дел од ФК Вардар. Но, во овој момент, ситуацијата е доста комплицирана, од причина што за време на претходното раководство на клубот, е направен долг, кој од многу аспекти е проблематичен, но за тоа, во периодот што следи. Тоа што ние, како засегната страна сакаме да го предложиме е состанок со челните луѓе на ПУИГ, на кој заеднички ќе дојдеме до најдоброто решение, преку кое долгот би можел да биде целосно вратен. Веруваме во нивната конструктивност, веруваме дека се спремни да помогнат во заедничката борба. Секако, едно од нашите најважни барања е да ФК Вардар своите натпревари ги игра на Градскиот стадион, домот и душата на клубот. Ова е барање за кое силно ќе се бориме, зошто недозволиво е повеќе гордоста на градот и на целата држава, домашните натпревари да ги одигрува на било кое друго место“ – дополнуваат „Комитите“.
Но, основно следната недела ќе биде и подготовка на ревизорскиот извештај за минатогодишната работа на ФК Вардар кој се очекува да биде подготвен од досегашниот сопственик Слободан Крстевски. Без тој ревизорски извештај Вардар никако не може да добие лиценца за настап во Првата лига.
ФК Вардар, како што е познато, има основен долг од 2,4 милиони евра создаден од времето на раководење на клубот на Сергеј Самсоненко, кој сега од 2018 година, низ сите овие години дополнително е зголемен со бројните камати. „Комитите“, пак, како што претходно информираа имаат гаранција од досегашниот директор Слободан Крстевски дека долгот направен по неговото доаѓање на кормилото на клубот, ќе биде вратен од негова страна во целост, без притоа истиот да биде наталожен на досегашниот долг на ФК Вардар.
ФК Вардар во иднина се очекува да функционира со сопственичка структура поделена на „Комитите“ (25%), Град Скопје и општините(25%), ПУИГ (25%) и останатие 25% на сериозен инвеститор кој ќе застане зад клубот!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА