Новото раководство на Вардар, предводено од Милорад Миленковски денеска на прес-конференција информираше за новата акција покрената за спас на клубот преку која желбата е да се повтори онаа акција од пред две години кога беа продадени 33.381 билети тогаш за финансиска помош на клубот.
Вардар, сега, повторно се врати во прволигашкото друштво, но ситуацијата и натаму е повеќе од сериозна во клубот поради бројните долгови, па неопходни се средства за првично функционирање на тимот на стартот од подготовките за новата сезона.
„Нарадот секако има право да знае што се случува во клубот затоа што ‘Вардар е клуб на народот’. Нашата битка за спас на Вардар трае безмалку три години, пред нешто повеќе од две години продадовме 33.381 билети и тоа беше најголемата акција со која сакавме да дадеме време Вардар да преживее. Од ноември 2018 година сметката на клубот е блокирана, па сега повторно сме во акција за вистински спас на клубот. Вкупно 12 општини и градот Скопје застанаа како поддршка. Но, поддршката од народот и тоа како ни е потребна“ – изјави Миленковски кој е претставник на „Комитите“ во раководството на клубот.
Најновата акција која клубот ја презентираше е продажбата на сезонски билети по 1.000 денари, со купување на тој начин и на членски карти на клубот. Желбата е да се продадат повторно 30.000 членски карти кои ќе донесат финансиска сигурност на Вардар во новата сезона.
„Оваа акција сега што ја спроведуваме е продолжување на акцијата од пред две години кога беа продадени 33.381 билети. Сега таргетот е десет пати поголем. Сакаме да покажеме дека се е можно, сакаме да видиме колку сме, да видиме колку Скопје го сака Вардар. Веруваме дека може да се продадат билетите, а Вардар да заработи над 500.000 евра. Заедно да покажеме како се сака клубот на народот. Вкупно долг на Вардар е 2,8 милиони евра, од кои 2,4 милиони евра се направени од Сергеј Самсоненко и плус 400.000 евра од Слободан Крстевски“ – дополни Миленковски.
Акцијата симболично започна вчера во 19:47 часот, а, како што информираа од клубот, за само неколку часа се продадени околу 300 сезонски билети, односно се собрани околу 300.000 денари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА