На националниот тим му се потребни освежувања: Митровски и Жута добиваат повик за мечевите со Италија и Малта!

На македонската репрезентација и тоа како и е неопходна „свежа крв“ низ периодот кој следи. Сериозна потврда за тоа беше последниот натпревар со Англија, но и нескриениот факт дека добар дел од досега стандардните првотимци ниту имаат клубови ниту пак, веќе подолго време, имаат соодветна минутажа преку која би можеле да се наметнат во националниот тим.

Колку и селекторот Благоја Милевски да ја има довербата во сите оние досегашни „незаменливи“ репрезентативци јасно е дека за септемврискиот квалификациски циклус мора да се освежуваат редовите со фудбалери кои се стандардни во своите тимови.

На списокот на Милевски за септемврискиот циклус се очекува враќање на Леонард Жута кој игра на централната дефанзивна позиција во редовите на норвешката Валеренга. 30-годишниот Жута од 2021 година е стандарден член на Валеренга настапувајќи како стопер и лев бек, а претходно во својата кариера има настапи и за Лече, Ријека, Конјаспор и шведски Хакен. Досега веќе има 15 настапи за македонската репрезентација.

Повик ќе добие и поранешниот младински репрезентативец Димитар Митровски кој последниот период игра стандардно за хрватски Вараждин. Митровски беше дел и од младата селекција на чело со Милевски, па овој повик сигурно можеше да се очекува.

За септемвриските квалификации се очекува место и за десниот бек на данскиот суперлигаш Хвидовре, Ахмед Илјазовски кој треба да биде ново име во националниот тим.

Како што е познато, од натамошните настапи се откажа Стефан Ристовски, а поради повреди и натаму ќе ги нема Дарко Чурлинов и Тихомир Костадинов.

Се вчитува...