Македонската репрезентација попладнево ги продолжи подготовките за двата квалификациски натпревари, против Италија и против Малта, низ септемврискиот дел од квалификациите за ЕП 2024.
Фокусот на репрезентативците во прв момент секако е кон пресметката со европскиот шампион Италија на 9. септември. Дефанзивецот Висар Муслиу вели дека сега против Италија репрезентивците сакаат да им се оддолжат на навивачите за оној несреќен пораз од Украина.
„Нормално сакаме да се покажеме во подобро издание во однос на оние два претходни натпревари, и физички и тактички и технички, од сите аспекти и да покажеме на терен дека имаме квалитет за вистинско надигрување со најдобрите во групата. Мора да почнеме сега од нула, да ги заборавиме претходните два натпревари. Да бидеме искрени нас многу повеќе не боли натпреварот со Украина отколку оној со Англија. Не заслуживме пораз со Украинците и затоа сакаме сега повторно во Скопје да покажеме токму против Италија дека тој натпревар не требаше да заврши така“ – вели Муслиу и дополнува:
„Нормално дека Италија е фаворит, но ние воопшто не стравуваме од нив. Напротив, треба да пристапиме максимално мотивирано на средбата со Италијанците и со поддршка од нашите навивачи да дојдеме до позитивен резултат“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА