Спалети го избра тимот за Македонија: Формација 4-3-3, без Имобиле во нападот?

Италијанската репрезентација ги продолжува подготовките за гостувањето против Македонија во Скопје, меч што воедно ќе биде и деби на новиот селектор Лучијано Спалети на кормилото на националниот тим.

Екс-тренерот на Наполи веќе направи мал рез во репрезентацијата вооопшто не повикувајќи ги искусните Верати и Жоргињо во средниот ред, а дополнителни промени се очекуваат во стартниот тим за мечот со Македонија.

Како што информираат од Апенинскиот полуостров, Спалети начелно ја избрал тактичката поставеност 4-3-3 како идеална за „аѕурите“, откако оваа формација му донесе успех со Наполи. Она што изненадува е што против Македонија се очекува како класичен напаѓач да не стартува Чиро Имобиле. Спалети на последните тренинзи експериментира со триото Политано – Распадори – Киеза, тројца играчи кои можат да ротираат на трите позиции во офанзивната линија и би требало да им создадат дополнителни проблеми на нашите дефанзивци.

Донарума важи за прв голман на италијанската репрезентација, се очекува на бековските позици да се појават Ди Лоренцо по десната и Димарко по левата страна, додека во средината на одбраната сигурен е Манчини, а дилемата е дали друштво да му прави Ромањоли или Скалвини.

 Во средината на теренот недопирливи се Барела и Локатели, а најблиску до последното место во стартната екипа е Сандро Тонали.

Се вчитува...