Голманот на италијанската репрезентација Џанлуиџи Донарума, за сајтот на италијанската федерација зборуваше за мечот со Македонија заедно со легендарниот Џанлуиџи Буфон, кој сега е во функција на шеф на делегацијата на италијанската репрезентација.
Донарума очекува уште еден тежок натпревар против Македонија, и кажа дека добро се сеќава на баражот во Палермо, како и на натпреварот во Скопје кој Италија го доби со 3-2, кога тој беше на клупата, а Буфон на голот.
„Нема одмазда, прво да се погледнеме самите себе. Но, ќе биде важен натпревар. Сите знаеме дека не отидовме на Светско првенство поради нив. Секако дека бевме разочарани, и сега има желба да направиме нешто добро и да победиме. Нема да биде лесно, тоа ќе биде тежок меч. Дури и на претходното гостување кога бевме заедно со Џиџи, беше тешко и победивме со гол во последните минути. Треба добро да се подготвиме и да бидеме внимателни, но со верба дека можеме да победиме“, рече Донарума.
Донарума вторпат ќе гостува во Скопје, и вторпат со италијанската репрезентација. Неговиот тогашен тим Милан гостуваше во Скопје против Шкендија, но тогаш искусниот голман на ПСЖ не беше во составот, туку неговиот брат Антонио беше на клупата. Меѓутоа сега за првпат ќе застане меѓу диреците на Националната Арена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА