Фудбалерот од средниот ред на романски Сепси, Исник Алими се приклучува на македонската репрезентација за престојните квалификациски натпревари против Италија и Малта.
Поранешниот фудбалер на италијанските Аталанта, Виченца, Шибеник од Хрватска и азербејџански Габала, денеска се става на располагање на нашиот најдобар национален тим, со деби повик во А репрезентацијата на Македонија.
29-годишниот Алими е стандарден фудбалер на романскиот Сепси и со одличните настапи за својот клуб, посебно во европските натпреварувања ова лето, се наметна како профил на играч кој може да ја зголеми конкуренцијата во средниот ред од нашата репрезентација. Во минатото, Алими настапуваше на официјални квалификациски турнири за младинските репрезентации на Македонија до 17 и 19 години.
„Алими бележи одлични игри во романското првенство со Сепси. Неговото искуство и формата во која се наоѓа може само да ја зголеми конкуренцијата во нашиот тим и да ни донесе дополнителен квалитет“ – изјави селекторот Благоја Милевски.
Исник Алими денеска во 18:30 часот ќе го има првиот тренинг со А репрезентацијата на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА