„Скроена“ тактиката за Италија: Без Адеми и без Велковски на последниот тренинг (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонската репрезентација вечерва на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот Куќа на фудбалот на ФФМ го одработи последниот тренинг пред утрешниот квалификациски натпревар со Италија на арената „Тодор Проески“.

Селекторот Боби Милевски, во насока на заштита на тревникот на најголемиот наш стадион, се одлучи финалната тактичка подготовка за дуелот со актуелниот европски шампион да ја одработи на стадионот „Петар Милошевски“.

На последниот тренинг се појавија сите расположиви сили со исклучок на Аријан Адеми кој вечерва повторно се приклучува на репрезентацијата откако денеска успешно ја заврши „сагата“ со кам-бекот во Динамо Загреб, како и Дарко Велковски кој поради повреда сигурно нема да може да биде на располагање за утрешниот дуел со Италија.

„За жал Дарко почувствува болки во ногата на претходниот тренинг, па неизвесен е за утрешниот меч. Трајковски делува мотивирано и физички подготвен да се стави во функција на тимот, и познавајќи ги двајцата, имаат уште што многу да понудат на овој тим како што впрочем и во минатото биле и се вложувале максимално во репрезентацијата“ – изјави Милевски претходно на прес-конференцијата пред утрешниот меч.

 

Се вчитува...