Србија и Исланд го одиграа најинтересниот меч во досегашниот дел од ЕП 2024, дуел што по голема борба заврши без победник, 27-27. Србите имаат за што да жалат, ако се знае дека неколку пати во финишот имаа три гола предност, а на помалку од 30 секунди до крајот водеа со 27-25, но и тоа не беше доволно за да се стигне до цел плен, откако Исланд во фуриозен финиш се врати и освои значаен бод.
Дуелот почна со неверојатни одбрани на двете страни, брилијантни беа голманите Милосављев и Халгримсон, па по првите пет минути игра резултатот беше 0-0. Првиот гол го постигна Србија во шестата минута, подолго време се играше „гол за гол“, пред Србите да влезат во серија брзоплети грешки, што беше искористено од Исланд за резултатско одлепување и водство од 7-4. Селекторот Герона побара тајмаут, Србите ја консолидираа играта, па со двата гола на пивотот Пешмалбек на одмор се замина со само еден гол предност за Исланд (11-10).
Второто полувреме почна со подобра игра на Србија, Милосављев му одбрани седмерец на Елијасон, па и покрај исклучувањето на Марсениќ српскиот состав направи мини-пресврт и го презеде водството. Исландските ракометари беа надвор од ритам, а Србите го искористија тоа и во 42. минута поведоа со три гола предност (17-14). Исланд намали на 17-16, при овој резултат промаши и пенал, но Србија одговори со нова мини-серија и водство од 22-19. Исланѓаните не се предадоа, повторно дојдоа на еден гол разлика, но Ѓорѓиќ даде два гола во серија кога беше најважно. И кога се чинеше дека триумфот на нашиот северед сосед е загарантиран, Исланд успеа да се врати, во последните 26 секунди постигнувајќи два гола. Најпрвин Палмарсон погоди извонредно од земја за 26-27, по што следеше почетнички загубена топка на српските ракометари, по што Гудјонсон стрелаше прецизно за конечните 27-27.
Елисон со седум и Гудјонсон со шест погодоци беа најефикасни во таборот на Исланд, а Пешмалбек со пет гола од исто толку обиди беше најефикасен српски ракометар на овој натпревар.
Австрија на вториот меч со термин од 18 часот славеше над селекцијата на Романија со резултат 31-24. Дуелот беше израмнет до 10-10, по што Австријците заиграа подобро во финишот од полувремето и на одмор заминаа со водство од 15-13. Оваа селекција потоа на стартот од вториот дел зголеми на 19-15, успевајќи да ја зголеми дополнително предноста до самиот крај и конечните „плус седим“. Фримел со шест и Вагнер и Хутечек со по пет гола беа најефикасни во победничкиот табор, додека прв стрелец на Романија во денешниот пораз беше Григорас со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

