ЕКИПА во Берлин,
Стеван Цаневски
Словенија е едно од најпријатните изненадувања во првата фаза од ЕП, откако избраниците на Урош Зорман славеа вечерва над Норвешка со минимални 28-27, за освојување на првото место во групата и пренесување на два бода во следната фаза. Откако во претходните две рунди славеа над Фарските Острови и над Полска, Словенците денеска одиграа одличен меч и триумфираа над силната Норвешка, победа што е уште послатка ако се знае дека Словенија е значително ослабена на ова ЕП поради неиграњето на Блаж Јанц и Домен Макуц.
Дуелот беше максимално израмнет, Норвешка во неколку ситуации имаше и помош од судијките Бонавентура, но Словенија благодарение на одличниот голман Лесјак издржа, влезе во неизвесен финиш и со голот на Влах стигна до огромна победа.
Данска го запечати првото место во групата откако славеше со убедливи 37-27 над Португалија. Ракометарите на Португалија одлично парираа во првото полувреме, на одмор заминаа со негатива од 17-15, но Данците заиграа феноменално во вторите 30 минути, на крајот стигнувајќи до двоцифрен триумф за да пренесат два бода во следната фаза од шампионатот. Гидсел одигра фантастичен меч за Данска со 11 гола, седум постигна Питлик, додека Мартим Коста со девет гола ги предводеше стрелците на Португалија.
Шведска по голема борба славеше над Холандија со 29-28, со победничкиот погодок што на една минута пред крајот го постигна Клар. Токму Клар со пет погодоци беше најефикасен во победничкиот табор, а Швеѓаните стигнаа до триумф и покрај слабото издание на Готфридсон, кој постигна само еден единствен гол на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

