Вардар на колена и пред Струга ТЛ, Работнички е нов лидер по ремито на Шкендија во Кратово (ВИДЕО)

Шампионот Струга ТЛ триумфираше убедливо со 1-4 против малодушниот Вардар, кој го запиша и третиот едноподруго пораз, во 9. коло од Првата македонска фудбалска лига. Убедлива победа запиша и Шкупи против АП Брера, а Работнички продолжува со одличната  низа триумфирајќи со 0-2 на гостувањето против Воска Спорт.

На дуелот на арената „Тодор Проески“, Вардар кој не личи ниту најмалку на оној тим полн жар, дух и борба кој минатата година и со финансиска „нула“ на контото го пленеше секој искрен фудбалски вљубеник во земјава, си дозволи предност на гостите уште во 3. минута по киксот на голманот, Филип Гачевски.

По нафрлањето од левата страна од слободен удар на Камбери, топката отскокна пред голманот на Вардар кој не успеа да ја скроти и отседна во мрежата на „црвено-црните“…

По брзата предност на гостите, избраниците на Срѓан Захариевски успеаја да израмнат во 27. минута.

Убава акција по десната страна, а Босанчиќ од десеттина метри рутински стрелаше ниско по земја за 1-1…

Сепак, брз контранапад на гостите во 41. минута а Компаоре мајсторски погодува за 1-2.

Во второто полувреме максимално малодушна игра на „вардарци“ кои како да не постоеја на терен, па стружани со головите на Компаоре во 66. минута и Кехинде во 73. минута дојде до конечни 1-4.


Шкупи триумфираше со 3-1 против АП Брера. Уште во 7.минута чаирчани поведоа со 1-0 со голот на Едмундсон по брзата акција по десната страна на домашните.

А, по грешката на гостинската одбрана веќе во 21. минута беше и 2-0 за Шкупи. Ефектен гол со шут под гредата постигна Јумеми…


Гостите успеаја да намалат во 43. минута со голот на Ѓорѓе Ивковиќ, а по грешката на домашниот голман…

Во вториот дел, Ајетовиќ во 72. минута заокружи на 3-1.

Во Охрид, Работнички славеше против Воска Спорт со 0-2. Поведоа „романтичарите“ со голот на Регба во 40. минута од средбата.

Во второто полувреме, Мазари во 75. минута заокружи на 0-2.

Гостивар ремизираше (1-1) со Беса на дуелот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. Гостиварци поведоа со голот на Ивановски во 61. минута, но за гостите израмни Скендери во 84.минута по еден брз контранапад.


Немаше голови на дуелите во Битола меѓу Пелистер и Тиквеш и во Кратово меѓу Силекс и Шкендија, каде Шкендија играше и со фудбалер помалку од 55. минута по исклучувањето на Трумчи, а во 92. минута црвен картон заработи и Стефан Коцев.

ПМФЛ – 9. КОЛО
Скопје: ВАРДАР – СТРУГА ТЛ 1-4
Босанчиќ 27′ – Камбери 3′, Компаоре 41′, 66′, Кехинде 73′
Битола: ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ 0-0
Кратово: СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 0-0
Скопје: ШКУПИ – АП БРЕРА 3-1
Едмундсон 7′, Јумеми 21′, Ајетовиќ 72′- Ивковиќ 43′
Скопје: ГОСТИВАР – БЕСА 1-1
Ивановски 61′ – Скендери 84′
Охрид: ВОСКА СПОРТ – РАБОТНИЧКИ 0-2
Регба 40′, Мазари 75′

Се вчитува...