И Австрија остана без важен играч пред ракометното СП

Австрија е последната репрезентација што се соочува со огромни проблеми во пресрет на ракометното СП што ќе стартува за помалку од еден месец, откако Австријците останаа без помошта на својот капитен и најдобар играч, Микола Билик.

Асот на Кил го повреди мускулот на ногата при настап за „зебрите“ во Бундес-лигата, а деталните прегледи покажаа дека Билик го очекува подолга пауза и одличниот бек речиси сигурно нема да може да настапи за својата репрезентација на претстојниот мундијал.

„Губењето на ас како Билик очигледно е болно за нас, но здравјето секогаш е приоритет и искрено се надевам дека целосно ќе ја санира повредата. Ние и во минатото имаме покажано дека знаеме добро да се снајдеме без него, останатите сега ќе мора да преземат поголема одговорност“, изјави австрискиот селектор Алеш Пајовиќ.

Австрија е дел од групата Ц на СП 2025 заедно со Франција, Катар и Кувајт, воедно Австријците се потенцијални ривали на Македонија во втората мундијалска фаза ако двете селекции ја минат првата рунда.

Се вчитува...