ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонските репрезентативци беа во одлично расположение по рутинската победа над Гвинеја, со која беше обезбеден пласманот во главната рунда од светскиот шампионат.
Милан Лзаревски не го криеше задоволството од триумфот, најавувајќи дека очекува најмалку уште една победа на нашиот национален тим на следните три средби, во кои за ривали ќе ги имаме Австрија, Катар и Франција.
„Дефинитивно добро беше оваа победа за да се крене моралот и духот на тимот. Можеби оваа победа не е толку убедлива колку што луѓето имаа претстава дека ќе биде, или ние имавме претстава дека ќе биде. Целиот меч и тек на мечот беше резултат на емотивната истрошеност од претходните два дуели кои можеа да имаат позитивен исход за нас доколку некои работи ни се поклопеа. Како и да е, целта е остварена, според мое скромно мислење нема да застанеме тука со победите. Мислам дека оваа победа со Гвинеја нема да е последна за нас на ова СП. Имаме информации дека нашите следни ривали не се во целосни состави, како Австрија и Катар, така што и тоа како гледаме шанси. Франција си е Франција, тој меч може да го искористиме за уживање. Атмосферата во Вараждин беше како да играме бараж со Фарски острови. Нашите навивачи ни дадоа голем елан, немаше да играме на ова ниво ако не беа тие“, изјави Милан Лазаревски по денешниот триумф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

