Вардар се одлепи од дното на табелата во Првата македонска фудбалска лига по победа од 0-2 над Работнички во градската пресметка од 22. коло во шампионатот.
Струга ТЛ, пак, ја прекина резултатската криза и тоа со убедлива победа од 3-0 против лидерот Шкендија. Поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски ја запиша првата победа на клупата на стружани по преземањето на тимот, и тоа против лидерот во првенството. Силекс, пак, со 0-5 ја „торпедираше“ Беса, а Пелистер ја победи Воска Спорт со 1-0.
„Вардарци“ до водство на денешниот дуел кој се одигра на теренот на ФФМ дојдоа со голот на Едиз Спахиу во 36. минута од средбата.
Конечните 0-2 ги постави Мато со голот во 90. минута.
Струга ТЛ со два гола на Сава Радиќ и еден на Марјан Радески во период од 15 минути ја решија Шкендија победувајќи со 3-0. Најпрво Радиќ во 51. минута од непосредна близина стрелаше за водство од 1-0.
А, веќе во 63. минута одличен погодок постигна и поранешниот репрезентативец Марјан Радески за предност и од 2-0.
Во 68. минута, по корнерот од левата страна на Стефан Спировски, Сава Радиќ со глава биеше од десеттина метри и за 3-0.
Силекс, пак, ја „торпедираше“ Беса победувајќи со 0-5. Најпрво, Ади Алиќ на најдобар можен начин го одбележува својот 23-ти роденден носејќи водство за својата екипа уште во 3. минута од средбата.
Преку убав напад на кратовци, Алиќ рутински реализираше од непосредна близина продолжува ја својата извонредна гол-форма на стартот од пролетниот дел од сезоната.
Во 30. минута по убавиот напад од левата страна, Марко Ѓорѓиевски мајсторски реализираше за 0-2.
А, веќе во 37. минута Хрвановиќ преку фудбалско ремек-дело зголеми и на 0-3. Најпрво во соло-продор од 50 метри успеа да дојде до голот на домашните и со шут од 18 метри откосо прецизно стрелаше за убедлива предност на Силекс.
Во второто полувреме, и Маронг во 50. минута погоди за водство од 0-4, а конечните 0-5 за Силекс ги постави Донов со голот во 57. минута од средбата.
Повеќе од возбудливи завршници имаа натпреварите во Струмица и во Кавадарци. Гостивар триумфираше со 0-1 на гостувањето против АП Брера благодарение на евро-голот директно од слободен удар на Ервин во 90. минута. Претходно, во првото полувреме Алпер Потук не реализираше и пенал за Гостивар.
Во Кавадарци, Садик во 89. минута беше стрелец за победа на Тиквеш против Шкупи, кој го запиша првиот пораз пролетва.
Пелистер ја победи Воска Спорт со 1-0, со голот на Бошковски во 64. минута од натпреварот.
ПМФЛ – 22. КОЛО
Струмица: АП БРЕРА – ГОСТИВАР 0-1
Ервин 90′
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР 0-2
Спахиу 36′, Мато 90′
Гостивар: БЕСА – СИЛЕКС 0-5
Алиќ 3′, Ѓорѓиевски 30′, Хрвановиќ 37′, Маронг 50′, Донов 57′
Битола: ПЕЛИСТЕР – ВОСКА СПОРТ 1-0
Бошковски 64′
Струга: СТРУГА ТЛ – ШКЕНДИЈА 3-0
Радиќ 51′, 68′, Радески 63′
Кавадарци: ТИКВЕШ – ШКУПИ 1-0
Садик 89′
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

