Јирген Клоп пред девет месеци и официјално се збогуваше од Ливерпул, а неговиот наследник Арне Слот ги надмина очекувањата и на најголемите оптимисти во гигантот од „Енфилд роуд“.
„Црвените“ имаат голема предност и се на добар пат да ја освојат титулата, а легендарниот германски тренер веќе најави дека ќе дојде во Ливерпул за шампионската парада.
„Ќе бидам таму, тоа е сигурно, сакам да бидам дел од тој спектакл. Не планирам да се качам на автобусот, сакам да сум доле, меѓу обичните луѓе и навивачи, на тој начин да го доживеам тоа неверојатно искуство. Само нека станат шампиони, јас дефинитивно ќе сум таму“, изјави Клоп.
Тој обелодени и зошто одбил неколку покани на управата на Ливерпул да дојде во градот и да следи мечеви на својот поранешен клуб.
„Искрено, не сакам да му правам малер на тимот. Им оди толку добро, победуваат, први се на табелата. Замислете јас да дојдам на трибините и да го загубат токму тој меч… никогаш не би си го простил тоа. Само нека победуваат, јас ќе гледам на ТВ. Нека ја осигураат титулата, па секако ќе дојдам на „Енфилд“. Идеално сценарио би било се да е однапред освоено, за да дојдам за последното коло без стрес, да го следам последниот меч и потоа да бидам на парадата. Ќе видиме, се надевам дека ќе е така“, порача миленикот на фановите на Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

