Ерлинг Халанд и оваа сезона е најдобар стрелец на Манчестер Сити, но лесно може да се случи норвешкиот голгетер летово да ги смени клупските бои, особено доколку клубот не успее да обезбеди билет за Лигата на Шампионите за следната сезона.
„Граѓаните“ играат катастрофално и доколку не ги подобрат резултатите би можеле да останат без билет за елитното натпреварување, што ќе донесе дополнителен ремонт. Како што јавуваат британските медиуми, Халанд веќе им се заканил на клупските челници дека ќе инсистира да продолжи да игра во ЛШ, ако тоа не е случај со Манчестер Сити, тогаш во дресот на друг клуб.
Тој неодамна потпиша нов договор со англискиот првак, но во истиот има клаузула што му овозможува трансфер доколку Сити биде казнет посериозно во истрагата за прекршување на финансискиот ферплеј, или ако тимот не биде дел од Лигата на Шампионите во наредниот период.
Тој би немал проблем да си обезбеди трансфер вреден над 100 милиони евра во нов клуб, а во преден план би се нашол Реал Мадрид, особено доколку се реализираат најавите за заминување на Винисиус во Саудиска Арабија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА