Ливерпул го слави, а Милан уште има лузна – 20 години од „чудото во Истанбул“

На денешен ден пред точно 20 години беше одиграно најлудото финале во историјата на Лигата на Шампионите, во кое Ливерпул се врати од три гола негатива и успеа да се искачи на тронот на Европа пред моќниот Милан, во тоа време предводен од Карло Анчелоти, со Кака, Креспо, Малдини….

Првото полувреме беше италијанско ремек-дело откако Милан поведе на самиот старт преку Малдини, а потоа со два гола на Креспо стигна и до 3-0. Англичаните беа во нокдаун, се очекуваше сигурен триумф на „росонерите“, но потоа следеше – „чудото во Истанбул“.

Стивен Џерард стрелаше со глава и ја врати надежта, а потоа во рок од седум минути прецизни беа и Шмицер и Чаби Алонсо, за 3-3 и тотален колапс на италијанскиот фудбалски џин. Милан имаше повеќе од играта и во продолженијата. Дудек бранеше неверојатно за „црвените“, а токму полскиот голман беше во главна улога и во пенал-рулетот, со одбранетиот последен пенал на Шевченко трасирајќи го патто до трофејот.

Оттогаш беа одиграни уште 19 финалиња во Лигата на Шампионите, но ниту едно слично на тој незаборавен меч за европската круна во Истанбул.

Се вчитува...