Лионел Меси на 38-годишна возраст се ближи до крајот на пребогатата професионална кариера во која освои се што можеше да се освои и на клупско и на репрезентативно ниво.
Очекувањата се дека легендарниот Аргентинец последниот настап во националниот дрес ќе го има на Светското првенство кое следната година ќе се одржи во Северна Америка, па со тоа се ближи и неговиот последен натпревар за Аргентина на домашен терен.
Според аргентинските медиуми тој ќе биде во раните утрински часови на 5. септември по европско време кога Аргентина во квалификациите ќе го одигра последниот домашен натпревар против Венецуела. Овој натпревар воедно ќе биде и претпоследен од квалификациите по кој ќе следи уште оној во Еквадор.
„Жалам од се срце, но доколку не се промени нешто во распоредот тоа ќе биде последниот натпревар на Меси во официјален меч со репрезентацијата на Аргентина во Буено Аирес. Повеќе нема да има официјални натпревари во Аргентина, а во 2027 година, доколку се стекнат услови може да има некој пријателски натпревар бидејќи натпреварувачки нема во календарот“, пишува аргентинскиот новинар Фернандо Чиз.
Меси досега одигра 193 натпревари за Аргентина постигнувајќи 112 голови и 61 асистенција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

