Најскапо продадениот фудбалер на Арсенал мака мачи да најде нов клуб

Алекс Окслејд-Чемберлен, поранешниот англиски репрезентативец се уште е слободен играч и за него нема заинересирани клубови со што се поставува прашањето дали неговата кариера е готова?

Окслејд-Чемберлен се уште е најскапо продадениот фудбалер на Арсенал кој во 2017 година реализираше трансфер вреден 38 милиони евра во Ливерпул, но по преминот на „Енфилд“ неговата кариера замина во надолна линија.

Последните две и пол сезони настапуваше за Бешикташ, но турскиот тим му го раскина договорот изминатото лето поради честите повреди кои го следеа и во текот на кариерата.

Окслејд-Чемберлен сега тренира со вториот тим на Арсенал каде се одржува во форма со цел да најде ангажман во продолжението од сезоната. Тоа го потврди и тренерот на „топчиите“ Микел Артета.

„Тој е неверојатен карактер, еден од најдобрите кои може да ги најдете во фудбалот. Убаво е што му даваме простор да ја одржи формата и да пронајде нов клуб. Нашите дечки можат многу да научат од него. Имав привилегија да играм со Алекс и знам дека може да биде добар пример“, изјави шпанскиот тренер.

Се вчитува...