Управата на Ливерпул беше исклучително активна на пазарот минатото лето, а сега погледите се вртат кон актуелниот играчки кадар и преговорите за продолжување на соработката со клучните фудбалери од тимот на Арне Слот.
Дефанзивецот Конате има помалку од една година и следното лето може да си замине без никаква отштета, Французинот доби понуда „земи или остави“, но челниците на клубот веќе ставија до знаење дека нема да влезат во лицитација со Реал Мадрид за да го задржат овој играч на „Енфилд“.
Апсолутен приоритет на Ливерпул е до крајот на сезонава да биде потпишан нов договор со Доминик Собослаи, унгарскиот ас кој е незаменлив во тактичките замисли на Слот. Иако е најдобар во средниот ред, Собослаи по потреба настапуваше и како десен бек, одлично одговарајќи на сите дадени задачи, воедно и постигнувајќи го победничкиот гол во големото дерби со Арсенал.
Тој има уште две години од актуелниот договор, но „црвените“ сакаат што поскоро да ја продолжат соработката со него нудејќи му нов петгодишен договор за плата од околу 200.000 фунти неделно. Самиот Доминик е пресреќен на „Енфилд“ и од улогата што ја има кај Арне Слот, па кај двете страни постои подготвеност што поскоро да биде постигнат целосен договор што ќе резултира со продолжување на соработката.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

