Чави меѓу фаворитите за нов тренер на Челси

Челси вчера и официјално ја прекина соработката со Лијам Росениор, објави дека до крајот на сезонава предводник на тимот ќе биде Калум Мекфарлејн, но управата на „сините“ веќе ја почна потрагата по перманентно и долгорочно решение што летово би пристигнало на „Стемфорд бриџ“.

Прво име што беше споменато беше Маурицио Покетино, како сериозен кандидат се вклучи и Андони Ираола, кој веќе најави дека летово ќе си замине од Борнмут. Сепак, последните информации од Англија говорат дека раководството на Челси сонува на „Стемфорд бриџ“ да го доведе Чави, легендарниот шпански плејмејкер кој е без ангажман откако доби отказ во Барселона.

Чави беше дел од кампањата на противкандидатот на Лапорта во претседателските избори во Барса, но откако беше загубена таа битка младиот стратег сега размислува за тренерски ангажман надвор од Шпанија.

Челси е подготвен да му даде петгодишен договор, но и слобода при изборот на новите засилувања, првите контакти се веќе воспоставени, а се најавува дека во следниот период преговорите ќе бидат интензивирани. Според весникот „Мирор“, Чави е еден од клучните кандидати и доколку покаже сериозен интерес ќе стане приоритет на управата. Доколку тоа не биде случај, вниманието ќе биде насочено кон неговиот сонародник Ираола.

Се вчитува...