Пелистер го декласираше преморениот ТФТ

Пелистер го задржа стопроцентниот ефект во кошаркарскиот плејоф откако вечерва лесно и убедливо славеше над лидерот ТФТ со резултат 105-69. Гостите допатуваа видно изморени по долгото враќање во Македонија од Широки бријег каде што во средаа го играа финалето на АБА2 лигата, тоа се одрази на нивното вечерва, а квалитетниот тим на Пелистер знаеше како да го искористи тоа и да стигне до победата.

„Зелено-белите“ играат одлично од стартот на плејофот, а продолжија во ист ритам и вечерва, совладувајќи го ривалот од кого имаа два порази во досегашниот дел од сезоната. ТФТ парираше само до 15-13, по што Пелистер влезе во серија и со фуриозните седум поени во завршницата од првата четвртина битолчани поведоа со 32-17. По само неколку минути игра предноста скокна на 20 поени (37-17), битолчани продолжија да доминираат и неверојатното прво полувреме го завршија со предност од огромни 66-37.

Јасно беше дека „пелистерци“ тешко ќе можат да продолжат со истото офанзивно темпо цел натпревар, но тоа воопшто не се одрази над резултатот. Третата четвртина донесе значително послаба ефикасност на двете страни, ТФТ ја доби со 12-16, но победникот беше решен, па „пелистерци“ рутински го одработија остатокот од натпреварот до конечните 105-69.

Американците Брејси Дејвис и Вилсон беа најефикасни кај Пелистер во оваа победа, 18 имаше Џенкинс, додека прв стрелец на гостите беше Тома Стојаноски со 16 поени и 9 скокови.

Се вчитува...