Ракометарите на Охрид максимално мотивирани го докечуваат најновиот предизвик – првиот дуел од полуфиналето во ЕХФ Европскиот куп во кој денеска со почеток во 18 часот ќе му гостуваат на тимот на Целје.
Словенечкиот состав со просечна возраст од 22 години стигна до полуфиналето со скор од шест победи, едно реми и еден пораз. Охриѓани од друга страна имаат максимални осум победи на осум европски средби сезонава, а триумфите на двомечот со Олимпијакос уште повеќе го креваат оптимизмот во таборот на овој македонски суперлигаш.
Алкалоид лани го освои трофејот во ова натпреварување, а охриѓани не ја кријат амбицијата – да го повторат овој успех и да донесат уште еден европски трофеј на македонскиот клупски ракомет.
Поразот во неизвесната завршница во Купот на Македонија сигурно донесе разочарување во таборот на охриѓани, но сето тоа го прави мотивот уште поголем – денеска да се одигра слично на дуелот во Атина со Олимпијакос, па веќе на првиот меч на гостински терен да се направи џиновски чекор кон големото финале.
„Се истрошивме во Купот и во финалето против Вардар, но немавме многу време за тага. Мора да мислиме на следниот ривал и дуелот со Цеље на гостински терен. Се надеваме на победа, а ние ќе дадеме се од себе. Нема да биде воопшто лесно, тие се сериозна екипа. Ние ќе одиме на победа и добро е што ќе имаме поддршка од нашите навивачи и на гости и се надевам дека ќе ги израдуваме“, изјави Дарко Ѓукиќ во пресрет на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
