Збогум Вардар – Хорига претставен во Пик Сегед

Димитро Хорига е еден од најзаслужните што Вардар има фантастични резултати оваа сезона, но украинскиот „бомбардер“ летово ќе си замине од редовите на „црвено-црните“.

Тој долго време имаше понуда на маса за продолжување на соработката со „вардарци“, но одличните партии ја кренаа и цената, неколку екипи од ЛШ се вклучија во трката за негов ангажман, за Хорига и официјално да потпише договор со Пик Сегед.

Унгарскиот гигант денеска го официјализираше овој трансфер, со прва изјава на Хорига како член на Пик Сегед во пресрет на летниот трансфер.

„Возбуден сум поради трансферот во ПИК Сегед и можноста да ја искусам посебната атмосфера што владее во клубот и во градот. Имам слушнато многу за фановите и не можам да дочекам да ја почувствувам нивната енергија и поддршка за време на натпреварите. Мојата цел е постојано да се подобрувам, да давам максимум и да му помогнам на клубот да ги оствари своите цели. Однапред им се заблагодарувам на фановите за нивната поддршка – Ќе направам сe за да бидат горди на нас“, истакна Хорига.

Украинецот до крајот на сезонава има уште две зацртани желби со Вардар, да ја запечати титулата во плејофот, но и да обезбеди пласман на фајналфор во ЕХФ Европската лига, со успех во претстојниот четвртфинален двомеч против Монпелје.

Се вчитува...