ТФТ не го дава врвот: Победа и над Маџари пред доигрувањето за титулата

Кошаркарите на ТФТ Скопје не го даваат така лесно врвот од табелата во регуларниот дел од Топ 6 плејоф разигрувањето во Суперлигата на Македонија.

ТФТ во претпоследното коло, пред разигрувањето за титулата, триумфираа против екипата на Маџари, која исто така од претходно обезбеди место како четвртопласирана во доигрувањето за трофејот, со 85-82.

Во главно израмнет натпревар, ТФТ Скопје до победата дојде благодарение на подобро одиграното второ полувреме, во кое успеаја да дојдат до пресврт откако Маџари ја доби првата четвртина со 21-28.

Возвратија домашните во втората четвртина добивајќи ја со 24-15, а потоа одржувајќи постојано водство низ израмнет дуел и неизвесна завршница во која, сепак, дојдоа до конечната победа од 85-82.

Најдобар кај ТФТ беше Ташовски со 32 поени и пет асистенции, а Говенс го заврши мечот со 23 поени, пет скока и седум асистенции.

Кај Маџари се издвои Хот со „дабл-дабл“ од 15 поени и 13 скока. Двоцифрен поентерски ефект имаа и Левис со 19 поени, Димчевски со 16 поени и Грин со 14 поени.

ТФТ Скопје е прв на табелата пред МЗТ, на третата позиција е Пелистер а четврти Маџари. Тоа се и екипите кои ќе играат во полуфиналето од доигрувањето за титула.

Се вчитува...