Најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК е посветена на легендата на Вардар и македонскиот фудбал, Васил Рингов, кој на крајот од минатата година го напушти, помалку неочекувано, овој свет.
А, гостин во специјалната епизода посветена на животниот пат на Васил Рингов е истакнатиот македонски новинар и публицист, Срѓан Ивановиќ, автор токму на биографијата за фудбалската легенда – „Фудбал под сенка“, која излезе постхумно.
Меѓу бројните теми поврзани со ликот и делото на Васил Рингов, неизбежно Ивановиќ потенцираше дека популарниот Васе најтесно поврзан, па и се до последните денови од животот, бил со најголемата македонска фудбалска легенда и негов незаменлив соиграч во нападот на Вардар, Дарко Панчев.
„Васе и Дарко имаа една магична хемија и Рингов тоа постојано го нагласуваше. Ние кога бевме мали и кога игравме фудбал на терените во своите маала, секој гол го означувавме со Рингов – Панчев. Рингов треба данафрли, Панчев треба да даде гол. И тоа беше најефикасниот напад во тогашна Југославија. Значи тоа беше една невидена добра хемија меѓу нив двајца која траеше и се последните денови на Васе, и надвор од фудбалските терени“ – вели Ивановиќ.
Се потсетува колку тандемот Рингов – Панчев значеше и во југословенски рамки…
„На еден подкаст кој го гледав неодамна, Дејо Савичевиќ говорше за тогашната југословенска лига. Кажува за сите екипи, и доаѓа ред за Македонија. А, за Македонија? Македонија, Рингов – Панчев, ништо друго не знам – ќе рече Дејо. Значи, Рингов – Панчев беше не само македонска, не само скопска работа. Таа беше југословенска работа. Кај сите, асоцијацијата за Македонија, замакедонскиот фудбал во тие години беше Рингов – Панчев. Тој е да кажеме најголемиот бренд што дотогаш е направен во Македонија“ – вели Ивановиќ и дополнува:
„Ќе го цитирам Рингов кој вели: „Јас секогаш исто нафрлав во сите екипи каде што сум играл. На истиот начин играв. Но, таму го немаше Дарко. Тие мои топки најдобро умееше да ги искористи само Дарко Панчев.” Можеби, ете, немавме среќа што тие сепак беа десет години разлика. Замисли да беа генерација. Колку тоа подолго ќе траеше и повеќе ќе одекнеше тоа“ – раскажува Срѓан Ивановиќ.
БИОГРАФСКАТА КНИГА „ФУДБАЛ ПОД СЕНКА“ ЗА ВАСИЛ РИНГОВ МОЖЕ ДА ЈА НАЈДЕТЕ ВО ПРОДАВНИЦИТЕ НА ЛИТЕРАТУРА
==================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ПОСВЕТЕН НА ВАСИЛ РИНГОВ МОЖЕ ДА ГО ГЛЕДАТЕ ТУКА….
==================================================
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
