Одличен успех на македонските едриличари на Првенството на Југоисточна Европа: Четврто место за Дарија Зографска (ФОТО)

Одлични резултати забележаа македонските едриличари на Првенството на Југоисточна Европа во класата Оптимис кое од 7 до 10 мај се одржа во Палиќ, Србија.

Македонија на првенството беше претставувана од едриличарите на „Акватика Јахтинг“ од Охрид, кои постигнаа одлични резултати во силна конкуренција со околу 50 едриличари од Италија, Србија, Унгарија, Црна Гора, Хрватска, Романија и Македонија.

Дарија Зографска запиша одличен резултат, на крај во женска конкуренција освојувајќи го 4. место, за само еден поен останувајќи без бронзениот медал. Во вкупна конкуренција Зографска го освои 10. место меѓу 50 едриличари, притоа на една од петте реализирани регати, завршувајќи и на второто место во вкупна конкуренција.

Калина Николовска, исто така, забележа убав успех со освојувањето на 5. место во конкуренција на девојчиња до 12 години, а Петар Филоски на крај заврши во Топ 10 во машка конкуренција.

Забележителни настапи имаа и останатите членови на „Акватика Јахтинг“, Максим Стојкоски, Бора Попоска, Атина Стојкоска и Драган Ангелески, сите во конкуренција до 12 години, за кои ова беше и прво меѓународно искуство од ваков тип.

Се вчитува...