Адис Јаховиќ се „пензионираше“ од македонската репрезентација

Напаѓачот Адис Јаховиќ денеска објави дека и кажа збогум на македонската фудбалска репрезентација.
Јаховиќ истакна благодарност до сите селектори кои го повикувале, и дека спомените од репрезентацијата ќе ги чува засекогаш.
„Да настапуваш во дресот на македонската репрезентација е исполнување на детскиот сон. Токму затоа воопшто не е лесно да се каже збогум, но сега е време за тоа. Не само заради мене, туку и поради репрезентацијата, соиграчите и селекторот.
Чувствувам дека повеќе не сум во можност на вистински начин да одговорам на репрезентативните обврски и сега е време чесно да го соопштам тоа.
Би сакал да се заблагодарам на сите соиграчи од репрезентацијата и целиот стручен штаб. Благодарност за селекторот Благоја Милевски за соработката и целата поддршка. Минавме и тешки и радосни моменти. Спомените ќе ги чувам засекогаш.
Во оваа репрезентација има талент и квалитет. Убеден сум дека ќе продолжат да напредуваат и да ја радуваат македонската спортска јавност. Оваа генерација на македонски фудбалери зад себе веќе има големи резултати и се што треба е да продолжат да даваат се од себе на секој натпревар за Македонија. Во победа или пораз, навивачите тоа го ценат. Јас секогаш ќе бидам поддршка за тимот и цела репрезентација. Напред Македонија“, стои во писмото на Јаховиќ.

Се вчитува...