Академија Пандев во следните 24 часа ќе одлучува за напуштање на лигата!?

По денешниот одржан состанок на УО на ФК Академија Пандев, а по повод одлуката на Комисијата за натпревари на ФФМ со која се одби нивната жалба за натпреварот со Шкендија, од струмичкиот прволигаш се огласија со соопштение во кое го искажуваат својот револт притоа најавувајќи и можност за напуштање на прволигашкото натпреварување.

Соопштението од ФК Академија Пандев ви го пренесуваме во целост:

Почитувани спортски, фудбалски пријатели, ФК Академија Пандев АД е млад спортски колектив кој на нашиве простори егзистира 8 години. Нормално е што во овој период акцентот целосно ни беше ставен на развојот на младите категории и младинскиот фудбал. Поради тоа и бевме премногу засегнати за сите случувања околу натпреварот ФК Шкендија – ФК Академија Пандев и повредата на правилникот за настапот и играњето на младиот фудбалер. Во иднина уште повеќе ќе се залагаме за почитување на оваа правило и стратегијата за развој на младинскиот фудбал, всушност би сакале да дадеме предлиог за поттикнување на сето тоа, во иднина бројот на младите играчи да се зголеми на 5 (пет) млади фудбалери за задолжителен настап во Првата МФЛ.

Воедно сакаме да ја информираме јавноста и ФФМ дека ние како млад спортски колектив правиме и одредени пропусти, во конкретниов случај не знаеме да „читаме“ или да ги „толкуваме“ пропишаните правила. За сето тоа и за проблемите што ви ги направивме јавно ви се ИЗВИНУВАМЕ. Поради нашето неискуство, во иднина ќе ја практикуваме онаа народната „слушајте паталец“, како што ни кажаа неколку постари фудбалски колективи : „Не се жалете, џабе ви е. Штом не донесоа одлука денес, во петок ќе ви ја одбијат жалбата“.

Не знаеме од кои причини денес вистината отиде во несакан правец, но ние како колектив ќе продолжиме да се бориме за развојот на младинскиот и македонскиот фудбал. Ќе се обидеме нашите мисли и концентрација да ги насочиме на зелениот терен и натпреварите што ни претстојат во иднина.

Мораме да констатираме дека со денешнава одлука ни зададовте удар и направивте чекор назад за еден човек. Човекот кој сопствените лични примања, директно стекнати и заработени од фудбалската игра, оној што во изминативе 8 години несебично го финансираше и помагаше проектот за развој на младинскиот фудбал преку ФК Академија Пандев можеби ќе го натерате многу скоро да ги откаже своите инвестиции во македонскиот фудбал и македонскиот спорт.

Денешнава одлука од Комисијата на натпревари длабоко не погоди, ФК Академија Пандев ве информира дека во претстојните 24 часа ќе одлучи за следните чекори и постапки, а сериозно размислуваме и за истапување од лигата.
.
Нека ни служи на чест и нам и Вам

Струмица, ФК Академија Пандев АД

Се вчитува...